Две третини од луѓето се подготвени да дадат 1% од својот приход за да ја спасат планетата од климатските промени

од Vladimir Zorba
254 прегледи

Ублажувањето на последиците од климатските промени бара глобална акција. Новото истражување покажува дека дури 69 отсто од глобалното население е подготвено да придонесе во борбата против глобалното затоплување со откажување од еден отсто од својот месечен приход.

Заштитата на климата бара заедничка акција на глобално ниво. Човечкиот фактор, односно делувањето на секој поединец е клучен во борбата против климатските промени. Сепак, има малку податоци кои ја покажуваат подготвеноста на поединците за климатски активности.

Економистите Питер Андре, Теодора Бонева, Феликс Чопра и Армин Фалк спроведоа истражување за поддршка на климатските активности од страна на луѓето ширум светот.

Беа спроведени скоро 130.000 индивидуални интервјуа во 125 земји, со национално репрезентативни примероци кои заедно претставуваат 92 отсто од светската популација, 96 отсто од емисиите на стакленички гасови и 96 отсто од светскиот БДП.

Целта на истражувањето беше да се испитаат четири аспекти на подготвеност за климатска акција: подготвеност да се сносат трошоци, поддршка за проклиматските општествени норми, барање за политичка акција и верување дека сограѓаните ќе дејствуваат.

Резултатите од истражувањето произлегоа од студијата со наслов „Globally representative evidence on the actual and perceived support for climate action“, објавена во списанието Nature.

Клучните наоди покажуваат широка глобална поддршка за климатските активности. Две третини од светското население се подготвени да се откажат од еден процент од својот приход за да придонесат во борбата против климатските промени, пишува Balkan Green Energy News.

Проклиматските општествени норми се поддржани од речиси сите испитаници. Исто така, 86 отсто од глобалното население наведува дека луѓето во нивната земја треба да се обидат да се борат против глобалното затоплување.

Огромното мнозинство луѓе ширум светот (89 проценти) веруваат дека е неопходно да се бара поголема политичка акција.

Поголема подготвеност да се придонесе кон климатските активности во ранливите земји

Поединците во земјите кои се поранливи на климатските промени се значително повеќе подготвени да придонесат еден процент од својот приход во борбата против климатските промени. Спротивно на тоа, испитаниците од побогатите земји покажуваат релативно ниска подготвеност да дејствуваат.

БДП по глава на жител на една земја ја одразува нејзината издржливост, односно нејзината економска способност да се справи со климатските промени. Поинаку кажано, во најотпорните земји, поединците се најмалку подготвени да придонесат со еден процент од својот приход.

Истражувањето исто така покажа дека поддршката за климатските активности е всушност многу повисока отколку што се мислеше. Повеќето луѓе ширум светот моментално не се свесни за широката поддршка за климатските активности во нивната земја. Овој јаз во перцепцијата беше забележан во сите земји.

Студијата нагласува дека широко распространетата подготвеност за дејствување на климатските промени е во контраст со преовладувачкиот глобален песимизам за подготвеноста на другите да дејствуваат.

„Светот е во состојба на плуралистичко незнаење, што се случува кога луѓето систематски погрешно ги перцепираат верувањата или ставовите на другите. Причините за овој јаз во перцепцијата се повеќекратни и вклучуваат фактори како што се медиумите и јавните дебати кои непропорционално ги нагласуваат мислењата на малцинствата кои се скептични за климата и влијанието на кампањите на групите на интереси“, се вели во студијата.

Овие систематски дефицити во перцепцијата може да бидат пречка за климатските активности. Преовладувачкиот песимизам за поддршката од другите може да ги одврати поединците да се вклучат во климатски активности, а со тоа истовремено да ги потврди негативните верувања на другите.

Препораката на истражувачот е да се коригираат овие погрешни перцепции преку заеднички политички и комуникациски напори.

Слични содржини