Две третини од жителите на Њујорк го поддржуваат апсењето на Нетанјаху – веруваат дека Израел врши геноцид во Газа

од Весна Петровска
13 прегледи

Анкета објавена од американскиот портал Semafor покажува дека дури две третини од граѓаните на Њујорк ги поддржуваат ставовите на кандидатот за градоначалник Зохран Мамдани во однос на Израел и премиерот на таа земја Бенџамин Нетанјаху.

Според Semafor, 63% од испитаниците сметаат дека е исправен ставот на Мамдани – дека Нетанјаху треба да биде уапсен ако дојде во Њујорк.

Исто така, значителен број граѓани веруваат дека Израел спроведува геноцид врз Палестинците во Газа и дека САД треба да престанат со финансирање на Израел.

Вреди да се напомене дека анкетата е спроведена меѓу лица кои се идентификуваат како гласачи на Демократската партија, која има големо мнозинство во Њујорк.

Дополнително, резултатите покажуваат дека демократските политичари кои не го поддржале Мамдани имаат ниска популарност, а најпопуларна политичарка во градот е конгресменката Александрија Окасио-Кортез.

Да потсетиме, Мамдани повеќепати изјави дека доколку победи на изборите и ако Нетанјаху дојде во Њујорк, ќе побара негово апсење според налогот на Меѓународниот кривичен суд.

Во дебатите пред изборите, Мамдани се разликуваше од другите кандидати и по прашањето која би била првата странска држава што би ја посетил ако стане градоначалник. Додека другите кандидати го избраа Израел, Мамдани рече дека ќе остане во Њујорк за да биде достапен на секој граѓанин, во секој момент.

Изборите за градоначалник на Њујорк се закажани за ноември оваа година.