ДЗС ја зголеми мобилноста поради најавата за обилни врнежи

од Vladimir Zorba
70 прегледи

Согласно информација од УХМР за можноста од серија обилни врнежи дожд од над 50 литри на метар квадратен, а во крајните западни и југоисточни делови и над 70 литри, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) одржа вонреден работен состанок и го активира Оперативното тело за справување, при што будно ја следи состојбата со зголемена мобилност и подготвеност на постојаниот состав на силите за заштита и спасување.

Според ДЗС, доколку врнежите паднат за краток период на помали сливни површини, можна е појава на локални излевања.

-Апелираме на внимателно движење покрај водотеците и суводолниците, во крајниот запад, југо-запад и северо-запад, каде постои можност од локални излевања и можна појава на свлечишта и одрони, особено на патниот правец Маврово-Дебар-Струга. Покрај овие региони, за особена внимателност од можна појава на локални излевања ги посочуваме сливовите околу планината Кожув и Гевгелиско-Валандовскиот крај, наведува Дирекцијата.

Сите активности на следење и известување за моменталната хидролошка состојба се вршат согласно Националниот план за заштита од поплави.

Силите за заштита и спасување од поплави се во оперативна состојба за нивно можно ангажирање, а во функција се и сите материјално-технички средства и опрема со кои располага ДЗС.

Дирекцијата за заштита и спасување ги извести и предупреди своите подрачни одделенија и единиците на локалната самоуправа за потребата од преземање мерки и активности во својот делокруг.

ДЗС е во постојан контакт и со другите надлежни субјекти заради координирано делување и справување со можните појави на поплави за што навремено ќе ги известува медиумите и населението.