ДЗС: Природниот прираст изнесува -956 лица

Во анализираниот период се родени 3 842 живородени деца, што претставува намалување од 2,5 проценти во споредба со истото тримесечје од 2024 година

од Кристијан Димков
17 прегледи Фото: Принтскрин/Балкан инсајдер

Во четвртото тримесечје од 2025 година, природното движење на населението во Македонија и понатаму се одвива со негативен тренд. Природниот прираст изнесува -956 лица, што значи дека бројот на починатите лица е поголем од бројот на живородените деца. Овој показател ја потврдува континуираната демографска стагнација, и покрај одредени позитивни поместувања кај смртноста, објавува Државен завод за статистика.

Во анализираниот период се родени 3 842 живородени деца, што претставува намалување од 2,5 проценти во споредба со истото тримесечје од 2024 година. Истовремено, бројот на починати лица е намален за 8,2 проценти и изнесува 4 798, од кои 12 се доенчиња. Иако падот на смртноста е значаен, тој не е доволен за да го надмине намалувањето на наталитетот.

Податоците покажуваат и опаѓање на брачните заедници. Во четвртото тримесечје од 2025 година се склучени 2 310 бракови, што е за 4,8 проценти помалку во однос на истиот период лани, додека бројот на разводи изнесува 469 и е намален за 10,3 проценти.