Египетскиот премиер за планот за раселување на Палестинците од Газа на Синај: Тоа е црвена линија, еднакво на прогласување војна

од Radmila Tasevska
219 прегледи

Египетскиот премиер Мустафа Мадбули ги отфрли плановите за преселување на раселените Палестинци од Појасот Газа на египетскиот Синајски Полуостров, јавува Би-би-си.

За време на посетата на Синај, тој порача дека ниту еден регионален конфликт не треба да се решава на сметка на Египет.

Претходно, денеска планот го отфрли и портпаролот на палестинскиот претседател Набил Абу Руденех, кој кажа дека Палестинската управа е против преселба на кое било место.

-Сметаме дека тоа е црвена линија што нема да дозволиме да се помине, рече Мадбули, додавајќи дека масовното преселување ќе биде еднакво на „објавување нова војна“.

За време на овој конфликт израелското Министерство за разузнавање подготви предлог за преселување на 2,3 милиони жители на Појасот Газа на египетскиот полуостров Синај, но канцеларијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху го отфрли планот, нарекувајќи го „хипотетичка вежба“ и додаде дека тоа е само концепт на хартија.

Бидејќи сите израелски премини кон Газа се затворени, цивилите потенцијално можат да го напуштат Појасот Газа само преку граничниот премин Рафа, што е контролиран од Египет.