ЕЈО: Значителен раст на финансискиот криминал

Европското јавно обвинителство (ЕЈО) денеска објави дека истражувало 3.602 случаи на крајот од минатата година, што е за 35 проценти повеќе од претходната година, додека вкупната проценета штета за националниот и буџетот на ЕУ од 67,27 милијарди е речиси три пати поголема.

од Кристијан Димков
8 прегледи Фото: Принтскрин/Политико

Во својот годишен извештај за 2025 година, обвинителството соопшти дека повеќе од две третини од проценетата штета е поврзана со измами што влијаат врз изворите на приходи на ЕУ, имено данок на додадена вредност (ДДВ) и царински измами.

Ова, според главната обвинителка Лаура Ковеши, укажува на криминална индустрија која е предолго игнорирана или толерирана.

Обвинителството отвори 2.030 нови случаи во 2025 година, што е за 35 проценти повеќе отколку во 2024 година.

Во извештајот се наведува дека стапката на пресуди во случаите на Европското јавно обвинителство е близу 95 проценти и со 275 обвиненија поднесени во 2025 година, за 34 проценти повеќе отколку една година претходно, ЕЈО изведува сè повеќе измамници пред националните судови во ЕУ.

Исто така, се наведува дека судиите во истрагите на Обвинителството издале наредби за замрзнување на средства во вредност од 1,13 милијарди евра, додека вредноста на средствата што всушност биле замрзнати во текот на годината достигнала 288,9 милиони.

Обвинителството минатата година примило и обработило 6.966 кривични пријави, при што околу две третини од пријавите доаѓаат од приватни лица, а останатите од националните власти.