ЕК цврсто ја осудува секоја запаллива и опасна реторика „вклучувајќи и таргетирање на амбасадорите“

од desk3

Европската унија очекува сите партии да учествуваат на мирен начин на прегласувањето, за да заврши изборниот процес во Република Македонија и да се избере Влада, изјави денеска портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчич, јави дописникот на МИА од Брисел.


– Ние ги забележавме одлуките на Државната изборна комисија (ДИК) и на Управниот суд. Сега мора да биде дозволено процесот на жалби и приговори да се одвива по својот тек, без било-каква интервенција. Очекуваме сите партии да учествуваат конструктивно и на мирен начин во демократскиот процес, за да се овозможи завршување на изборниот процес и формирање на новиот парламент и Владата, рече Коцијанчич пренесувајќи ја пораката на Европската комисија на последниот работен ден пред Божикните и Новогодишните празници, по повод проблематизирањето и незавршувањето на изборниот процес во Република Македонија.

Гласноговорничката на Еврокомисијата, исто така додаде дека Унијата очекува од сите политички лидери во Македонија да покажат најголема одговорност. Според Коцијанчич, ЕК цврсто ја осудува секоја запаллива и опасна реторика, и како што велат „вклучувајќи и таргетирање на претставниците на меѓународната заедница во Скопје“. Според портпаролката на Комисијата, таквата реторика „ја движи земјата уште подалеку од евроатлантскиот пат, кој нејзините граѓани го сакаат и заслужуваат“.

– Ние очекуваме новата Влада да се посвети на решавање на системското владеење на правото, исто така и на итните реформски приоритети и да продолжи континуираната имплементација на претходните политички договори. Ние ќе ги поддржиме властите во овој поглед, рече портпаролката Коцијанчич.

Слични содржини