Европската комисија денес го објави вториот Извештај за владеењето на правото во ЕУ и земјите-членки, кој покажува „многу позитивни случувања во земјите-членки“, но исто така и зголемена загриженост за состојбата во некои земји-членки кога станува збор за независност на судството и состојбата во медиумите.
ЕК наведува дека извештајот покажува и силен отпор што го покажаа националните системи за одржување на владеењето на правото за време на пандемијата на Ковид-19.
„Второто издание на извештајот покажува дека земјите-членки можат да напредуваат во решавањето на владеењето на правото. Сепак, постојат причини за сериозна загриженост кај голем број земји-членки, особено кога станува збор за независноста на судството“, рече заменик-претседателката на ЕК за вредности и транспарентност, Вера Jорова.
Таа рече дека Извештајот за владеењето на правото е корисна превентивна алатка, која ја стимулира потребната дебата меѓу земјите-членки и другите актери.
Во Брисел тие нагласуваат дека е неприфатливо да се убиени двајца новинари во ЕУ во последните месеци и повикуваат на одлучни мерки за подобрување на слободата на медиумите и плурализмот.
Извештајот за владеењето на правото во ЕУ и земјите-членки за 2021 година се надоврзува на методологијата и обемот на минатогодишниот извештај, фокусиран на четири клучни елементи: судски системи, антикорупциска рамка, плурализам на медиумите и слобода на медиумите и други институционални прашања поврзани со проверки и биланси.
Кога станува збор за медиумите, извештајот на ЕК покажува дека за време на пандемијата, новинарите и медиумските работници во Европа биле под голем притисок.
„Мониторот за плурализам во медиумите за 2021 година – клучен извор на информации за Извештајот за владеењето на правото – укажува на целокупно влошување на состојбата на новинарите во неколку земји-членки. Во некои земји-членки постои висок ризик од политичко мешање во медиумите, а пандемијата исто така предизвика сериозни економски предизвици за медиумскиот сектор“, се вели во извештајот.