Кинеската економија ги надмина очекувањата во позитивна смисла – и покрај негативните ефекти новите царини наметнати од претседателот на САД, Доналд Трамп, и долготрајната криза на пазарот на недвижности.
Официјалните податоци покажуваат дека втората најголема економија на светот пораснала за 5,2% во второто тромесечје на годинава во однос на истиот период лани. Тоа ги надмина прогнозите од 5,1% од некои економисти, но сепак резултатот е малку послаб отколку во првото тромесечје, анализира Би-Би-Си.
Кина успеа да избегне остар пад главно поради мерките од Пекинг за помош на економијата и климавиот трговски договор со Вашингтон. Според властите, економскиот раст бил потсилен од порастот од 6,4% на производството, поради поголемата побарувачка за 3Д печатачи, електрични возила и индустриски робото.
Во секторот на услугите – кој ги вклучува транспортот, финансиите и технологијата – исто така е забележан пораст.
Новите статистички податоци покажуваат пад на цените на новите домови во Кина – најголем месечен пад во последните 8 месеци. Индустријата на недвижности и натаму е на маки, и покрај неколкуте пакети мерки за задржување на цените на имотите.
Аналитичарите очекуваа поголем удар од царините врз економијата на Кина, но земјата останува „високоотпорна“, вели економистот Гу Чјингјанг од Националниот универзитет на Сингапур.
Економскиот раст е поткрепен од извозот, главно поради брзањето на фирмите да испорачаат стоки во САД пред потенцијално нови царини или промени на кинеската извозна стратегија, вели професорот.