СВР Охрид денеска соопшти дека поднел кривична пријава против А.Ш. (39) од Охрид, поранешен директор на охридската болница, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
„Тој, во својство на вршител на должноста директор на ЈЗУ – Општа болница во Охрид, со пропуштање на должен надзор и без постоење на правен основ, на четири административни работници во болницата, кои немале решенија за раководна позиција, им определил коефициент на раководење и одговорност, со што на штета на болницата им овозможил право на повисока плата во вкупна вредност од 257.920 денари“, вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Ова било констатирано и при вонреден инспекциски надзор, извршен од страна на Државниот инспекторат за труд, додаваат од полицијата.