Mерката „викенди без ДДВ“ не е одржливо решение смета економскиот експерт и универзитетскиот проефесор Абдилменаф Беџети, коментирајќи го предлогод доставен до Собранието од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција за секој викенд додека трае прогласената кризна состојба, односно до 30 април, да има викенд без ДДВ за прехранбени производи.
– Ја разбирам желбата на опозицијата да и излезе во поддршка на граѓаните во овој многу тежок период, иако мерката за „викенди без ДДВ“ не е одржливо решение од најмалку две причини: Прво, системот за ДДВ е интегрален и сложен за да биде фрагментиран со делумна имплементација на временска динамика, што може да создаде системски притисок за злоупотреби на многу чувствителниот фискален систем. Второ, не е дека се живе од викенд до викенд, се преживува секој ден, изјави Беџети за „Локално“.
Економскиот експерт Павле Гацов вели дека предлогод на ВМРО-ДПМНЕ за викенд без ДДВ за прехранбени производи се однесува на група производи која се оданочува со 5% ДДВ.
– Предлогот за викенд без ДДВ за прехранбените производи претставува модел за помош на граѓаните во услови на криза. Но, потсетуваме дека во 2020 година беше спроведена мерка „Викенд без ДДВ“ која се однесуваше на производи за широка потрошувачка и со лимитиран износ на набавки до 30.000 денари по лице. Мерката се спроведуваше во деновите 10, 11 и 12 октомври 2020 година преку платформата „мој ДДВ“. Тогашните владини проекции за очекуваниот промет со оваа мерка беа за 10 пати повисоки од остварениот промет, поради што мерката не се повторуваше. Актуелниот предлог за Викенд без ДДВ за прехранбени производи се однесува на група производи која се оданочува со 5% ДДВ. Толкав би бил и ценовниот ефект во корист на граѓаните, изјави Гацов за „Локално“.
Според него, ако се прифати предлогот и овој пат спроведувањето на мерката се одвива преку Мој ДДВ, граѓаните би ја плаќале цената во целост (со ДДВ), а потоа во рокот за поврат (со скенирање на сметките) би го добивале назад веќе платеното ДДВ.
– Ефектите од ваквата мерка би биле слаби. Со истата би се опфатиле како сиромашните, така и богатите граѓани. Заради кризата, ликвидноста и куповната моќ на посиромашните граѓаните е уште послаба и истите нема да можат да извршат поголеми набавки на прехранбени производи за разлика од побогатите. Ограничувачки ќе влијае и техниката на спроведување на мерката, според која прво мора да се плати данокот, а потоа истиот да се врати на граѓаните. Со оглед на тоа дека мерката се однесува на прехранбени производи, мора да се има предвид нивниот краток век на употребливост доколку се размислува за поголеми набавки во деновите на промет без ДДВ, вели Павле Гацов- економски експерт.
Според мене, додава тој, ваквите општи мерки кои не се таргетирани од аспект на опфатот на граѓаните имаат слабости, затоа е подобар механизмот на директно помагање на сиромашните кои примената помош секако во најголем дел би ја користеле за исхрана (прехранбени производи).
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“ до Собранието поднесе предлог-закон за викенди без ДДВ.
– Со предлог-законот на ВМРО ДПМНЕ секој викенд додека трае прогласената кризна состојба, односно до 30 април, бараме да биде викенд без ДДВ за прехранбени производи. Владата може и мора да се откаже од неколку милиони евра, кои значително ќе им помогнат на граѓаните да се прехранат. Во текот на вчерашниот ден слушнавме дека мерките што ги најавија за време на викендот својот ефект ќе го достигнеле во јануари в година. Предолго е, нема време за чекање, мора да се дејствува сега и веднаш. Со нашиот предлог-закон намалувањето на прехранбените производи ќе биде 5 % уште од овој викенд. Според преткризните податоци, над 20 % е стапката на сиромаштија во Македонија. Со овие стапки на инфлација, кои е прашање кога ќе се намалат, овој процент драстично расте, порача од ВМРО-ДПМНЕ.
Но, само пред две години лидерот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ја критикуваше мерката на СДСМ за „Викенд без ДДВ“, а сега истата ја нуди како предлог.
– Крајно популистичка, нереална и мерка која нема да даде никаков ефект, вака ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски пред две години се противеа на мерката „Викенд без ДДВ“ која беше дел од антикризниот пакет мерки на Владата предводена од тогашниот премиер Зоран Заев, а иста мерка денеска предложи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Владата на СДСМ тогаш како дел од четвртиот пакет антикризни мерки за справување со последиците од коронавирусот од 10 до 12 октомври 2020 година спроведе викенд без ДДВ за купување македонски производи, ИТ опрема и бела техника, а кон граѓаните беа вратени околу десеттина милиони евра преку апликацијата „Мој ДДВ“, соопштија од СДСМ.
Според политичките аналитичари мераката за викенд без ДДВ е Левичарска а се предлага од десно ориентирана политичка партија. Според нив ваквите потези покажуват дека во Севрна Македонија идеолошката политичка матрица одамна е само номинална парадигма.
– Идеологијата во Македонија одамна е само номинална парадигма, која е се поотсутна во политичката пракса. Во суштина, не е страшно да носите одлуки кои не припаѓаат на вашата идеолошка матрица, но страшно е кога критикувате кога истата ја носи некој друг. Затоа, кога една мерка е суштинска и корисна за општеството, идеологијата треба да се стави на страна, а поддршката да биде истакната од сите политички чинители, изјави за „Локално“, политикологот Иво Ранѓеловиќ.
Д.Ј.