Експертите алармираат за потребата од општествена трансформација: Неинклузивните политики и партиски вработувања ја прават Македонија безнадежна за младите

од Илинка Илиоска
187 прегледи

Северна Македонија се соочува со сериозен одлив на мозоци, тоа го потврдува и последниот извештај на ДЗР.  Предизвикот за да се намали овој тренд е комплексен и повеќедимензионален. Во разговор со Локално.мк, Тања Иванова, претседателка на независната истражувачка организација РЕАКТОР – Истражување во акција и Илија Ацески, професор и социолог, ги споделија своите согледувања за причините и можните решенија за овој сериозен проблем.

„Согласно последната анализа на ДЗР и нашите долгогодишни согледувања низ различни истражувања и анализи, мерките на Владата како носител на политиките за управување со миграцијата не се доволно ефективни за намалување на одливот на високообразованиот кадар и задржување на младите во земјата,“ изјави Тања Иванова, претседателка на независната истражувачка организација, РЕАКТОР – Истражување во акција.

Проблемот со одливот на мозоци, според Иванова, не е само економски

„Најчесто велиме дека младите или луѓето воопшто се отселуваат поради економски причини, но она што можеби најмногу влијае на овие трендови, покрај економскиот стандард на живот, се и сите општествени специфики и погрешни политики што ја прават земјата безнадежна и бесперспективна и оневозможуваат обезбедување на услови за пристоен, квалитетен и сигурен живот,“ објаснува таа.

Иванова исто така нагласува дека политичките промени можат да влијаат на иселувањето.

„Ако ја погледнеме кривата на иселување од изминатите десетина години, лесно можеме да добиеме сликовита потврда за ова: периодот 2017-2018 година бележи најнизок број на отселени граѓани, а тоа е период во кој имавме промена на политички контекст во кој политичките челници и најавени политики и активности им понудија на граѓаните некаква надеж за подобрување на состојбите во земјата на повеќе нивоа. За жал, очекувањата потфрлија и надежта остана да лебди во форма на неисполнети политички ветувања, а бројот на граѓани што се отселуваат почна повторно да се зголемува и достигна и удвојување на бројките на иселени лица,“ вели Иванова.

И Илија Ацески, професор и социолог, ја поддржува оваа анализа, истакнувајќи дека и економските и политичките фактори придонесуваат за овој тренд.

„Македонија води политика која што многу малку има значење за да се задржат младите во Македонија, да се задржат оние кои навистина се квалитетни и покажуваат резултати. Живееме во општество каде што шансите за успех се многу мали. А, да не говорам во смисла на патриотизмот. Младите ги гледаат можностите и перспективите надвор од Македонија,“ вели Ацески.

Државните мерки за задржување на кадарот не се ефективни

„Популистички предлози и мерки за трето дете или неинклузивни политики што дискриминираат не можат да бидат решение за демографски прогрес. Потребна ни е сериозна општествена трансформација и политики што реално се имплементираат, закони што важат подеднакво за сите и не исклучуваат никого, како и политички контекст кој не поларизира и не почива на лажни ветувања туку се фокусира на сериозни институционални промени, „здраво“ здравство, економија без партиски влијанија, современо образование и услуги што навистина им се достапни и им служат на граѓаните, “ вели Иванова.

Ацески нагласува дека квалитетот на образованието е исто така клучен

„Во Македонија практично е изгубен моментот кога да се студира квалитетно значи дека државата ќе има корист во смисла тие кои се квалитетни кадри да ги задржи на некој начин. Во Македонија е изгубена таа линија, она што значи квалитетен и она што значи неквалитетен кадар,“ вели Ацески.

За да се задржат младите, Иванова и Ацески се согласуваат дека се потребни конкретни и ефективни мерки.

„Државата треба да направи нешто кое ќе значи задржување на младите, да се создадат услови каде што може да се успее и во Македонија. Партиското вработување, ги урниса сите напори оној кој што е квалитет по тој мерит систем да го најде своето место, дури и да се замоли да работи во една институција, зборувам за државни институции каде ќе даде многу, ќе биде од голема корист за во државата. Такво нешто во жална Македонија не постои, “ заклучува Ацески.

И.И.

Слични содржини