Водечкиот експерт за авионска безбедност Дејвид Лирмаунт изјавил за „Sky News“дека судирот со ѕидот бил “клучен момент” за катастрофата во Јужна Кореја.
„Не само што нема оправдување, туку мислам дека е речиси криминално ѕидот да биде таму”, рече Лирмаунт.
Сведоци изјавиле дека виделе голем број птици околу пистата непосредно пред несреќата, а контролната кула го предупредила пилотот за можноста за судир со птиците. Неколку минути подоцна, авионот испратил сигнал за опасност.
Кога авионот слетал во 9:03 часот, опремата за слетување не била спуштена.
Лирмаунт верува дека луѓето на летот имале добри шанси за преживување затоа што пилотот успеал да го спушти авионот на земја и покрај неговата голема брзина.
“Пилотот го слетал совршено со оглед на околностите, тие се движеле многу брзо, и авионот останал недопрен додека се лизгал по земјата”, рече Лирмаунт.
Но авионот удрил во ѕидот и тоа било фатално.
Меѓународниот аеродром Муан бил отворен во 2007 година и станал прометен регионален центар во јужниот дел на земјата. Тој е управуван од државната компанија “Korea Airports Corporation”.
Сателитските мапи покажуваат дека бетонската конструкција каде удрел авионот стоела на јужниот крај на пистата во близина на периметарската ограда многу години.
Таа поддржува систем за инструментално слетување кој им помага на пилотите да слетуваат во текот на ноќта или кога видливоста е слаба.
На повеќето аеродроми, овие системи се поставени на сосема други места.
Ако авионот не удрил во ѕидот, се претпоставува дека ќе поминал низ периметарската ограда, ќе го преминал патот и веројатно ќе застанал во соседното поло.