Електричните возила ќе бидат поевтини за производство од автомобилите со внатрешно согорување до 2027 година благодарение на новите производствени техники и пониските трошоци за батерии, вели Педро Пачеко, потпретседател за истражување во „Гартнер“.
Трошоците за батерии паѓаат, но трошоците за производство ќе паднат побрзо поради иновациите како што е „гигакастинг“, во кој големи делови од автомобилот се „леат“ како едно парче, наместо да се користат десетици заварувања и сврзувачки елементи. Tesla, наведен од Пачеко и други експерти како лидер во иновациите во намалувањето на трошоците за склопување, беше пионер во „гигакастинг“.
Според „HAK“, стапката на усвојување на електрични возила е забавена на голем број клучни пазари, вклучително и во САД и Европа, а експертите велат дека ќе биде од клучно значење за производителите на автомобили да исфрлат поевтини модели. Пачеко рече дека само „гигакастингот“ може да ја намали цената на телото за најмалку 20 проценти. Други заштеди ќе дојдат од користењето на батеријата како структурен елемент, според Пачеко.
Трошоците за батериите паѓаат со години, истакнува тој, но падот на трошоците за склопување е нов фактор што ќе ги доведе електричните возила во еднаквост со автомобилите на бензин и дизел побрзо отколку што се мислеше, рече тој за Automotive News Europe. Новите производители како BYD и Tesla можат да си дозволат да ги намалат цените бидејќи нивните производни трошоци се доволно ниски за да го направат тоа без премногу штета во крајна линија.
„Гартнер“ сè уште предвидува силен раст на продажбата на електрични возила, со тоа што половина од сите продадени автомобили во 2030 година се електрични. Но, Пачеко посочи дека пазарот влегува во период на „преживување на најсилните“ во споредба со претходната златна треска за производителите на ЕВ. Тој ја опиша 2024 година како преодна година за европскиот пазар на електрични возила, при што кинеските компании како BYD и MG ги градат своите продажни мрежи и линии, додека наследените производители на автомобили како Renault и Stellantis ќе лансираат поевтини модели.
Голем број стартапи за електрични возила се мачеа во изминатата година, вклучувајќи ги Nio, кој продолжува да бележи огромни загуби, Polestar, чија цена на акцијата драстично падна откако излезе на берзата, и Lucid, која ја намали прогнозата за производство во 2024 година за дури 90 проценти. Други производители кои се борат со проблеми вклучуваат Fisker, кој е во преговори со Nissan и HiPhi, кој неодамна ја прекина работата на шест месеци. „Гартнер“ предвидува дека 15 отсто од фирмите во синџирот на вредност на електрични возила основани во изминатата деценија ќе пропаднат, особено оние кои зависат од континуираните надворешни инвестиции за да останат во бизнисот.
– Преминуваме во нова фаза во која електричните возила веќе не може да се продаваат по основ на стимулации. Тие треба да бидат сеопфатен исклучителен производ во споредба со автомобилите со мотори со внатрешно согорување, велат од „Гартнер“.