Македонскиот играч Елиф Елмас (24) се пресели од Наполи во РБ Лајпциг, со кого потпиша четиригодишен договор, објави германскиот фудбалски клуб.
Според германските и италијанските медиуми, сумата на овој трансфер е околу 23 милиони евра.
Елмас за Наполи игра од 2019 година кога за 16 милиони евра пристигна од Фенербахче, а настапуваше и за македонскиот Работнички.
Тој постигна 14 гола на 143 натпревари во Серија А, а со Наполи ги освои шампионатот (2023) и Купот на Италија (2020).
„Приклучувањето во Бундеслигата и РБ Лајпциг е сон за мене. РБ Лајпциг се етаблира како еден од најдобрите тимови во Бундес лигата и за многу краток период стана големо име во европскиот фудбал“, изјави младиот Елмас кој одигра 56 настапи за националниот тим и постигна 12 гола.
„Техничката способност на Елмас е неверојатна. Тој е агилен, сака да трча и дрибла и може да постигнува голови. Може да игра во средината, но е подеднакво опасен на двете крила. Тој ќе донесе нешто поразлично во нашата игра со своите вештини“, додаде спортскиот директор Рувен Шродер.
РБ Лајпциг моментално се наоѓа на четвртото место во Бундеслигата со 33 бода, девет помалку од лидерот Баер Леверкузен.