Епл не ве штити од полицијата: „Hide My Email“ сепак го открива вашиот вистински идентитет

Епл им доставил на федералните агенти вистински идентитети на најмалку двајца корисници кои користеле една од функциите за приватност на компанијата, дизајнирана да ги прикрие нивните е-мајл адреси од апликации и веб-страници.

од Кристијан Димков
5 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

„Hide My Email“ (Сокриј го мојот е-маил) е функција која им овозможува на корисниците што плаќаат „iCloud+“ да генерираат анонимни е-мајл адреси кои ги препраќаат пораките на приватната адреса на корисникот. Епл наведува дека не ги чита пораките што се препраќаат. Сепак, судските документи покажуваат дека оваа функција за приватност нема да ги спречи органите на редот да откријат кој е сопственик на анонимната „iCloud“ адреса.

Според судските списи во кои имал увид „TechCrunch“, ФБИ претходно овој месец побарал податоци од Епл во рамки на истрага за е-пошта во која наводно ѝ се заканувале на Алексис Вилкинс, девојката на директорот на ФБИ, Каш Пател, чија врска со Пател беше широко медиумски проследена. „Како одговор на барањето на органите на редот, Епл достави податоци што укажуваат дека [Hide My Email] е анонимизиран налог поврзан со целниот Епл налог“, се наведува во изјава под заклетва за налог за претрес, за што прв извести 404 Media (преку „Court Watch“).

Епл го доставил целосното име и е-пошта адресата на сопственикот на налогот, како и податоци за 134 анонимизирани е-пошта налози креирани преку функцијата „Hide My Email“. „TechCrunch“ имал увид и во друг налог за претрес, во кој Епл предал информации за друг корисник по барање на федерални агенти од Службата за истраги на внатрешната безбедност (HSI), единица во рамките на ICE. Налогот за претрес барал податоци од Епл во текот на истрага за наводна шема за измама со идентитет. Агент на HSI, повикувајќи се на „податоци добиени од Епл“ во јануари 2026 година, забележал дека наводниот измамник креирал неколку анонимизирани е-пошта адреси преку функцијата „Hide My Email“ на повеќе Епл налози.

Епл промовира голем дел од своите „iCloud“ услуги како енкриптирани (end-to-end encrypted), што значи дека никој освен самите корисници не може да пристапи до нивните податоци, па дури ни Епл. Сепак, не сите информации за корисниците се надвор од дофатот на законот, вклучувајќи ги и податоците што Епл ги чува за своите клиенти, како што се нивните имиња, адреси на живеење, информации за плаќање и нешифрирани информации – како самите е-пораки.

Способноста на органите на редот да пристапат до овие информации исто така ги нагласува ограничувањата на приватноста на електронската пошта; голем дел од испратените е-пораки, дури и денес, не се шифрирани и содржат информации во обичен текст неопходни за насочување на пораките низ светот.

Поради тоа, побарувачката за апликации за размена на пораки со енкрипција од крај до крај, како што е Сигнал, нагло порасна во обид да се заштитат приватните податоци и од надзор и од злонамерни хакери.