Израелскиот кабинет за безбедност го одобри планот на премиерот Бенјамин Нетанјаху за „пораз“ на Хамас во Појасот Газа синоќа, објави кабинетот на премиерот.
Според планот, израелската армија се подготвува да ја преземе контролата врз градот Газа, додека истовремено дистрибуира хуманитарна помош на цивилите надвор од борбените зони, се вели во соопштението.
„Кабинетот за безбедност со мнозинство гласови усвои пет принципи за завршување на војната: разоружување на Хамас, враќање на сите заложници, живи и мртви, демилитаризација на Појасот Газа, израелска безбедносна контрола во Појасот Газа и воспоставување алтернативна цивилна администрација која не е ниту Хамас ниту Палестинската самоуправа“, се додава во соопштението.
„Огромното мнозинство министри во кабинетот, исто така, веруваа дека алтернативниот план, доставен до министрите за разгледување, нема ниту да го победи Хамас ниту да ги врати заложниците“, се вели во соопштението на кабинетот на израелскиот премиер, без да даде дополнителни детали.