Ситуацијата на границата меѓу Полска и Белорусија, во регионот Гродно, каде има стотици нерегуларни мигранти, ескалира во вторникот откако група мигранти се обиделе да влезат на територијата на Европската унија.
Белорускиот државен граничен комитет објави видео на кое се гледа како полската полиција интервенира во тампон зоната на границата меѓу двете земји.
Полската полиција употреби солзавец и водени топови за да ги растера мигрантите.
Министерството за одбрана на Полска соопшти дека мигрантите со камења нападнале војници и припадници на полицијата и дека се обидувале да ја уништат оградата и да преминат на територијата на Полска.
Повеќе од 2.000 мигранти, меѓу кои и жени и деца, ги напуштија камповите во Белорусија во понеделникот и се упатија кон западната граница со Полска.
Западно од градот Гродно, мигрантите, кои главно дошле од Ирак, ги напуштиле камповите што ги изградиле во шумскиот предел и цела ноќ ја поминале на граничниот премин Брузги-Кузница.
Во октомври, Белорусија го суспендираше договорот со Европската унија, како и обврската да ги прими назад мигрантите кои влегоа во ЕУ од нејзина територија.
Европската унија ја обвинува белоруската администрација за „користење на нерегуларната миграција како средство“ и „се обидува да ја дестабилизира ЕУ“ со испраќање мигранти до границите на земјите-членки на ЕУ.
Полските власти најавија дека нема да дозволат влез на мигранти во земјата и дека оние кои ќе успеат да се вратат ќе ги испратат во Белорусија. Во исто време, Белорусија ја обвинува Полска дека не обезбедува хуман третман на луѓето кои сакаат да мигрираат во Европа.