Естонската влада соопшти дека соработува со компанијата за вештачка интелигенција со седиште во Калифорнија „ОпенАИ“ за да го воведе моделот на вештачка интелигенција „ChatGPT Edu“ во својот средношколски образовен систем, при што првите генерации на наставници и ученици ќе имаат пристап до алатката уште во септември, пренесува „Танјуг“.
„ОпенАИ ќе ѝ обезбеди на естонската влада употреба на посебно приспособената верзија на алатката изградена за образовни системи и АПИ-услуги“, објави компанијата денес.
Како што е наведено, соработката ќе вклучува и техничка поддршка и споделување знаење за случаи на наменска употреба, како што се приспособени алатки фокусирани на наставата и учењето кои ќе заштедат време на наставниците со отстранување на административните задачи, како и ќе ги поддржат учениците да ја изградат својата креативност и вештини за критичко размислување.
„Образовните институции имаат клучна улога во обезбедувањето дека сите ученици и наставници имаат пристап до вештачката интелигенција и ја добиваат потребната обука за искористување на нејзиниот потенцијал. Естонија целосно го прифати овој предизвик и ќе биде една од првите земји во светот што ќе ја интегрира вештачката интелигенција во својот образовен систем“, се вели во објавата на веб-страницата на „ОпенАИ“.
Естонската министерка за образование и истражување Кристина Калас смета дека конкурентноста на земјата зависи од тоа колку добро може да ги подготви младите за ерата на вештачката интелигенција.