ЕУ ја повикува Русија да се откаже од својата одлука да го прекине договорот за извоз на жито од украинските пристаништа, што е од витално значење за снабдувањето со храна во светот, напиша денеска во твит шефот на европската дипломатија Жосеп Борел.
Одлуката „го загрозува главниот пат за извоз на жито и ѓубрива потребни за одговор на светската криза со храна предизвикана од војната“ во Украина, напиша Борел.
Москва вчера објави дека го суспендира своето учество во договорот по нападот со беспилотни летала врз руската флота стационирана во Севастопол, на Крим, кој го анектираше во 2014 година. Москва за нападот ги обвини Украина и Велика Британија.
Заедничкиот координативен центар (ЗКЦ) задолжен за следење на меѓународниот договор потпишан летово извести дека за денеска не е одобрено движење на товарни бродови со украинско жито во Црното Море.
Заедничкиот координативен центар, кој го надгледува доброто спроведување на договорот, ги собира делегатите на Русија, Украина, Турција и ОН во Истанбул.
Договорот склучен во јули под покровителство на ОН и Турција, овозможи извоз на неколку милиони тони жито блокирано во украинските пристаништа од почетокот на руската инвазија на Украина на крајот на февруари.