Министрите за внатрешни работи на земјите -членки на ЕУ се согласија да испратат експерти и потребната техничка опрема во земјите на Унијата кои беа погодени од бранот илегален влез на бегалци од Белорусија. На вонредниот видео состанок во средата, министрите ја повикаа ЕУ да обезбеди дополнителна финансиска помош за Литванија, Летонија и Полска и побараа да се зајакне контролата на надворешните граници на Унијата, пренесува СТА.
Полска, Литванија и Летонија го обвинуваат белорускиот претседател Александар Лукашенко дека испраќа мигранти од азиските земји во земјите на ЕУ како одмазда за санкциите воведени против Белорусија, додека министрите за внатрешни работи на ЕУ го обвинуваат официјален Минск дека се обидува да ги „инструментализира човечките суштества за политички цели“, пренесе „Ројтерс“.
ЕУ се плаши од повторување на мигрантската криза во 2015/16 година, кога хаотичното доаѓање на повеќе од милион луѓе од Блискиот Исток ги загрози и преоптовари безбедносните и социјалните системи и охрабри поддршка за екстремно десничарските организации во рамките на Унијата.
Во исто време, припадниците на латвиската гранична служба денеска спречија илегален влез на 46 мигранти, а уште шест лица кои дојдоа од Белорусија во последните 24 часа беа приведени, објави денеска локалната агенција ЛЕТА.
Според информациите на граничната полициска служба, шест мигранти се пуштени да влезат во земјата од хуманитарни причини, објави претходно ТАСС С.
Тензиите беа високи и на границата меѓу Белорусија и Литванија, која испрати протестна нота до Минск, бидејќи група белоруски граничари ја нарушија литванската граница, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи во Вилнус.
Во меѓувреме, Полска распореди стотици војници на границата со Белорусија со цел да им обезбеди поддршка на граничарите во време кога голем број бегалци сакаат да влезат во земјата, потврди вчера полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак.
Министерот рече дека во операцијата биле вклучени повеќе од 900 полски војници, објави претходно агенцијата АП, наведувајќи дека се верува дека повеќето бегалци потекнуваат од Ирак.