Европската унија вети уште 125 милиони евра за кампања за вакцинација против Ковид-19 во Африка, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Парите ќе бидат искористени за квалитетна дистрибуција на дозите на вакцини и обука на медицински тимови, изјави таа во Институтот Пастер во сенегалскиот главен град Дакар.
Донираните средства ќе бидат инвестирани и во подобро секвенционирање „за да останеме чекор понапред од вирусот”. Според Африканската унија, само 12 отсто од африканското население се вакцинирани. Светската здравствена организација има за цел да вакцинира 70 отсто од светското население до средината на оваа година. Со новите 125 милиони, вкупната помош на ЕУ за Африка за вакцинација порасна на 400 милиони евра.