Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска изјави дека Европската унија (ЕУ) мора да покаже единство и да се подготви да донесе соодветни одлуки во потенцијалниот трговски конфликт со САД.
„Европската унија мора да покаже единство за да одговори на секоја можност и да се подготви да донесе соодветни одлуки во потенцијален трговски конфликт кој никому не му користи и кој Европа не го сака“, рече Санчез, коментирајќи ги најавите на САД за воведување царини за европските производи, пренесува „Б92“.
Санчез укажа на неопходноста од стратешка автономија во прехранбениот и другите сектори, бидејќи, како што наведе, „не можеме да зависиме од тоа што некој ќе одлучи во кој било дел од светот“.
Тој како пример ги наведе „тарифите наметнати како чист опортунизам“, коментирајќи ги најавите на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини од 25 отсто на увозот од Канада и Мексико, главните трговски партнери на САД, и 10 отсто за увозот од Кина.
Санчез рече дека синџирите на снабдување продолжуваат да ги трпат последиците „влошени од војната во Украина“ и укажа на „турбуленции во меѓународната трговија со непроценливи последици“.
„Во трговска војна сите губат, особено кога станува збор за храната“, рече Санчез, додавајќи дека од поскапувањето најмногу страдаат најранливите.
Тој, исто така, рече дека ќе го брани примарниот сектор и понуди помош за да се избегне ескалација на царините што „ги осиромашува сите“.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен претходно изјави дека ЕУ сака да соработува со Соединетите држави, но дека „ќе биде подготвена за тешки преговори“ доколку е потребно во случај администрацијата на Трамп да наметне царини.