ЕУ се фокусира на блокчеин технологијата

од Vladimir Zorba

Од 1. јануари, Европската унија веќе има специјални структури – Опсерваторија и Форум, кои ќе следат, анализираат, разработуваат и применуваат проекти врз основа на блокчеин технологијата, која стои во основата на дигиталните валути и се сметаат за големо достигнување, бидејќи обезбедуваат висок степен на сигурност како и можност на следење на извршените онлајн трансакции. Како партнер во овој потфат е привлечен „ConsenSys“ – глобален играч кој има силен став во развојот на блокчеин технологија, солидна експертиза и врски со глобалниот блокчеин екосистем.

Очекувањата се овие нови технологии да влијаат на дигиталните услуги и да ги менуваат фундаментално бизнис моделите во широк спектар на области како што се здравството, осигурувањето, финансиите, енергетиката, логистика управување на правата на интелектуална сопственост или јавните услуги. Затоа, до 2020 година, ЕУ ќе обезбеди 340 милиони евра за финансирање на блокчеин базирани технолошки проекти.

Европските иноватори и претприемачи веќе нудат технолошки решенија базирани на блокчеин. Пилот-проектите се претставени од клучните засегнати страни од традиционалните сектори, како што се банки, осигурителни компании, берзи, логистика или други компании. Многу земји-членки објавија иницијативи за промовирање на употребата на блокчеин технологии.

„Технологија како блокчеин може да помогне за намалување на трошоците при повисоко ниво на доверба, безбедност и можност за следење. Тие кријат огромен потенцијал за зголемување на онлајн безбедноста на социјалните и економските трансакции преку спречување на сајбер напади и елиминирање на потребата од користење на посредник. Потпирајќи се на изобилството од талентирани професионалци и одличните стартап бизниси во Европа, имаме намера да станеме глобален лидер во областа на инвестициите и имплементирање на блокчеин технологијата“, изјави Андрус Ансип, кој е заменик-претседател на ЕК за прашањата на дигиталниот единствен пазар.

Комесарот Валдис Домбровскис, кој е одговорен за финансиската стабилност, финансиските услуги и сојузот на пазарите на капитал, пак, смета дека меѓу мноштвото технологии, кои ги унапредуваат дигиталните иновации, блокчеин има потенцијал да ги трансформира целосно финансиските услуги и пазари. Според него опсерваторијата и форумот ќе ги следат овие трендови и ќе обезбедат информации потребни во врска со изготвувањето на политиките на ЕУ.

Уште во ноември 2016 година, во Европската комисија дејствува работна група за финансиски технологии и блокчеин, која развива сеопфатна стратегија за оваа област. Се очекува конкретен акционен план да биде презентиран на пролет, со кој ќе се претстават идните активности на ЕУ во оваа област.

Слични содржини