Нето киријата по квадратен метар во Германија во 2022 година во просек изнесувала 7,28 евра, покажуваат прелиминарните резултати од пописот на населението претставени во вторникот во Берлин, пренесува германската новинска агенција (dpa). Резултатите се базирани на анкета на сопственици на згради и станови и не се однесуваат на бараните кирии. Во износите не се вклучени трошоците за греење.
Најевтини биле становите во Саксонија-Анхалт со просечна цена од 5,38 евра месечно за метар квадратен. Најскапи биле во Хамбург со 9,16 евра, потоа Баварија со 8,74 евра, Хесе со 8,21 и Баден-Виртемберг со 8,13 евра за метар квадратен.
Вкупниот број на станови на денот на истражувањето изнесува 43,1 милиони, што е зголемување за околу 2,5 милиони во однос на пописот од 2011 година. Во истиот период просечната површина на станот била поголема за околу три метри квадратни, односно 94.
Три четвртини од сите станови се греат на гас.