Членовите на Европскиот парламент изразија длабоко незадоволство од предлогот за седумгодишниот буџет на ЕУ (Повеќегодишна финансиска рамка – МФФ 2028-2034) презентиран од Европската комисија вчера и се заканија дека дури и нема да започнат преговори врз основа на тој документ.
Мнозинството пратеници во Комитетот за буџет на Европскиот парламент сметаат дека нивото на информации презентирани од комесарот за буџет Пјотр Серафин е незадоволително. Претседателот на комитетот, белгискиот пратеник Јохан Ван Овертвелдт, рече дека претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен открила повеќе детали на прес-конференцијата отколку што комесарот споделил со самите пратеници, пренесе Euronews.
Пратениците се пожалија и на отсуството на конкретни бројки, официјални документи и дополнителни материјали што би им овозможиле да се подготват за дебатата на квалитетен начин. Комесарот Серафин ги призна недостатоците, но истакна дека рано го напуштил внатрешниот состанок на ЕК за да биде присутен во Парламентот и „да покаже почит кон својата улога“.
Освен што беа незадоволни од начинот на презентирање, пратениците ја критикуваа и содржината на предлог-буџетот, кој изнесува речиси 2.000 милијарди евра, или 1,26 проценти од бруто националниот доход на ЕУ. Пратеникот на Европската народна партија, Зигфрид Мурешан, оцени дека ЕК ја лаже јавноста претставувајќи го овој буџет како „историски“, бидејќи реално е ист како претходниот, и дека единственото зголемување е резултат на прилагодување на инфлацијата и отплата на фондот „Next Generation EU“ од ерата на пандемијата.
Мурешан, како и многу негови колеги, смета дека клучните барања на Парламентот се игнорирани. Идејата за „Национални и регионални планови за партнерство“, преку кои би се распределувале средствата на ЕУ, е особено проблематична. Парламентарците го гледаат тоа како обид повторно да се национализира буџетот на ЕУ, бидејќи земјите-членки би комуницирале директно со ЕК, заобиколувајќи ја улогата на Парламентот.
Лидерите на центристичките групи во Парламентот (ЕПП, социјалисти и демократи, Обнови ја Европа и Зелените/ЕФА) заеднички изјавија дека Парламентот нема да прифати никакво намалување на своите овластувања во надзорот врз трошењето на европските пари. Исто така, беше изразена загриженост во врска со предлогот за комбинирање на средствата за кохезија и земјоделство во една буџетска линија, што мнозинството пратеници не го поддржуваат, бидејќи сакаат тие средства да се третираат одделно, со посебни правни основи.
Од друга страна, предлогот за таканаречените „сопствени приходи“ – европски даноци што би генерирале околу 58,5 милијарди евра годишно. Пратениците ја поддржаа идејата за оданочување на тутунските производи и големите компании со годишен обрт од над 100 милиони евра.
За да стапи во сила овој буџет, потребна е не само едногласна согласност од земјите-членки на ЕУ, туку и согласност од Европскиот парламент. Сепак, во моментов, пратениците ја разгледуваат можноста воопшто да одбијат да започнат преговори, освен ако Комисијата не го повлече предлогот и не презентира нова основа за договор.