Европскиот парламент усвои директива која ќе овозможи поевтина поправка на уреди

од Симе Стоиков
271 прегледи

Европскиот парламент усвои директива за правото на поедноставна и поефтина поправка на уреди која ќе им овозможи на граѓаните на ЕУ да ги користат подолго, наместо да ги фрлаат и купуваат нови.

Оваа директива предвидува: продолжување на гаранцијата за производите поправени во гарантниот рок за уште една година, обврската производителот да ги поправа апаратите за домаќинство како што се машини за перење, правосмукалки или мобилни телефони по разумна цена и по истекот на гаранцијата,обврска производителот да обезбеди уред за замена при поправка и друго.

„Производителите ќе мора да обезбедат резервни делови и алати по разумна цена. Покрај тоа, тие не смеат да користат договорни клаузули или хардверски или софтверски техники кои ја попречуваат поправката на стоката. На производителите нема да им биде дозволено да ги спречат независните сервисери да користат половни резервни делови или делови направени на 3Д принтери, нема да смеат да одбијат поправка од економски причини или затоа што некој веќе ја поправил“, се вели во соопштението.

Директивата ја воведува и обврската на земјите-членки да обезбедат поправка по разумна цена, со воведување ваучери или средства за поправка, со спроведување на информативни и едукативни кампањи, вклучително и курсеви за мајстори.

Со цел да се поедностави процесот на поправка, ќе биде воспоставена онлајн платформа која ќе им помогне на потрошувачите да најдат локални сервисери, продавачи на поправени стоки, купувачи на неисправни стоки и друго, се вели во соопштението.

„Правото на потрошувачот на поправка на производот сега станува реалност. Ќе биде поедноставно и поевтино да се поправат производите отколку да се купат нови, поскапи“, рече известувачот Рене Репаси, пратеник на германските социјалдемократи, по гласањето.

Пратениците ја усвоија директивата речиси едногласно: со 584 гласа за, 3 против и 14 воздржани. Ќе стапи во сила кога ќе биде формално одобрен од Советот на ЕУ и објавен во Службен весник. Земјите-членки потоа ќе имаат 24 месеци да го усогласат своето национално законодавство со новата директива.

Според податоците на Европската комисија, предвременото фрлање на производите што може да се поправат е еднакво на емисиите на CO2 од 261 милион тони, доведува до потрошувачка на 30 милиони тони ресурси годишно и во исто време создава 35 милиони тони отпад. Со купување нови наместо поправка на стари производи, потрошувачите губат околу 12 милијарди евра годишно.Европскиот парламент наведува дека новите правила се очекува да доведат до нови инвестиции и вкупен раст во ЕУ од 4,8 милиони евра.

Слични содржини