Европските земји се построги во однос на прифаќањето на бегалците од Украина, Норвешка предничи

од Vladimir Zorba
35 прегледи

Повеќе од две и пол години од избувнувањето на руско-украинскиот конфликт, некои европски земји зазедоа построг став кон прифаќањето на бегалците кои бегаат од војната, а меѓу најрешителните е Норвешка, пишува денеска францускиот весник Монд.

Во анализата се потсетува дека норвешката влада на 27 септември објави дека ќе престане автоматски да дава азил на сите Украинци кои тоа ќе го побараат, нагласувајќи дека оваа одлука ќе стапи во сила веднаш.

Норвешката влада го оправда својот построг однос кон бегалците со влијанието на нивниот прилив врз домувањето, здравствените услуги и училиштата во одредени градови.

„Не можеме да примиме непропорционален број раселени лица во споредба со слични земји, да речеме другите нордиски земји“, рече норвешката министерка за правда Емили Енгер Мел.

Во моментов, околу 85.000 Украинци живеат во Норвешка, земја со околу 5,6 милиони жители.

Норвешка претходно им даваше автоматски азил на бегалците, додека другите земји-членки на ЕУ активираа слични мерки и донесоа уредба за привремена заштита што им овозможи на бегалците да се населат во земја на ЕУ по нивна желба.

Оние кои избегале од Украина во некоја од земјите-членки на ЕУ добивале, во зависност од правилата на земјата домаќин, социјални услуги, домување, работа и банкарски услуги.

Според податоците на Европската комисија, до крајот на јули годинава 4,3 милиони Украинци ја искористиле оваа мерка на привремена заштита.

Слични содржини