Европската комисија продолжува да го турка планот да му испрати на Киев речиси три милијарди евра од профитот генериран од рускиот смрзнат имот поради намалената финансиска поддршка од САД, пишува „Фајненшл тајмс“.
Брисел ја става на брза лента одлуката да ја заплени каматата собрана од рускиот имотот што го држи клириншката куќа Euroclear со седиште во Брисел почнувајќи од февруари наваму, се тврди во статијата.
Првата транша средства би можела да му биде испратена на Киев уште во јули ако Брисел успее да издејствува одобрување од сите членки на Унијата, а предлогот се очекува пред самитот на европските лидери идната недела, велат претставници на ЕУ.
Од почетокот на украинскиот конфликт пред две години, Западот замрзна околу 300 милијарди долари од имотите на Руската централна банка. Клириншката куќа Euroclear располага со околу 191 милијарда евра, а од нив во текот на изминатата година има акумулирано речиси 4,4 милијарди евра камата.
Според извештаите, Брисел ќе исплати меѓу два и три милиони евра приход генериран од смрзнатиот имот годинава, во зависност од каматните стапки. Претставници на ЕУ проценуваат дека севкупните приходи од руските средства што ги држи Euroclear би можеле да достигнат 20 милијарди евра до 2027 година.
Прашањето за користење на руските смрзнати средства доби на важност откако американскиот пакет помош вреден 60 милијарди долари беше блокиран од американскиот Конгрес, каде контролата ја имаат републиканците, поттикнувајќи го Киев да бара алтернативни донатори за да ги финансира своите воени активности.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, минатиот месец предложи приходите од смрзнатиот руски имот да се искористат за испраќање на оружје во Украина наместо за реконструкција, како што беше првично планирано.
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, претходно месецов изјави дека блокот би можел да ги искористи неочекуваните профити од замрзнатите руски средства за да купи оружје за Украина преку Европскиот мировен фонд, вонбуџетски механизам што се користи за испорака на оружје во Украина.
Според пишувањата на „Фајненшл тајмс“, членките на ЕУ во моментот преговараат за зголемување на фондот за пет милијарди евра, како и за опции за инвестирање во украинската одбранбена индустрија.
Во меѓувреме, бројни западни земји остануваат поделени во врска со заплената на замрзнатиот руски имот за да ѝ се помогне на Украина. И додека САД о Велика Британија поддржуваат директна заплена на имотот, некои членки на ЕУ, вклучувајжи ги Франција и Германија, неодамна предупредија дека потегот би можел негаивно да се одрази на финансиската стабилносѕ и да ја поткопаат довербата во статусот на еврото како резервна валута.
Москва одговори дека ќе одговори соодветно ако Западот ги реализира заканите за конфискација на рускиот имот блокиран во странство. Руското Министерство за финансии предупреди минатиот месец дека западните држави поседуваат имот во Русија кој може да биде загрозен ако смрзнатиот руски имот биде искористен.