Британскиот весник Фајненшл тајмс денес објави детали од обемна истрага за корупција и финансиски злоупотреби поврзани со системот за воени набавки во Украина, за време на војната со Русија. Во фокусот на истрагата се сомнителни зделки вредни стотици милиони долари, а меѓу другото се споменуваат и Хрватска и Србија како дел од синџирот на набавка. Според информациите на „Фајненшел тајмс“, Украина склучила бројни договори со меѓународни посредници и компании за купување оружје, муниција и друга воена опрема. Иако биле платени огромни суми однапред, во многу случаи стоката или воопшто не била испорачана, била испорачана делумно, или пак пристигнала неупотреблива за фронтот.
Сомнителен договор поврзан со Хрватска
Во центарот на едниот случај се наоѓаат двајца поранешни раководители на украинскиот оддел за воени набавки – Томас Накур и Олександр Лиев. Тие се под истрага за потпишување договор за набавка на гранати со потекло од Хрватска. Наводно, биле платени 12,5 милиони долари однапред, но парите исчезнале преку посредници во Хрватска, без да биде испорачана нарачаната муниција.
И двајцата функционери, кои во меѓувреме се отпуштени, ги отфрлаат обвинувањата и велат дека работеле под огромен притисок во време кога Украина очајно се борела за опстанок. „Генералштабот бараше стотици пати повеќе оружје отколку што пазарот можеше да понуди“, изјави Накур, додавајќи дека биле жртви на лоши актери на пазарот.
Скандали и во Србија
Истрагата на „Фајненшел тајмс“ открива и други спорни зделки, вклучително и договор за набавка на муниција од Србија. Американскиот трговец Танер Кук, преку компанијата OTL, склучил договор со украинската фирма „Прогрес“ за набавка на минофрлачки мини и гранати. Украина однапред платила 17,1 милион долари, но оружјето никогаш не било испорачано, ниту парите вратени.
Најголемиот скандал – договор вреден 1,7 милијарди долари
Најголем случај во истрагата е оној поврзан со американскиот брокер Вил Сомериндајк и неговата компанија „Регулус Глобал“. Оваа фирма склучила договор со Украина вреден 1,7 милијарди долари за набавка на артилериски гранати. Украина тврди дека не добила ништо, додека „Регулус“ пак возвраќа дека Украина им должи 300 милиони долари. Компанијата се претставувала како способна да обезбеди оружје компатибилно со НАТО системите, но истрагата покажала дека поголемиот дел од обврските не биле исполнети.
Парите се распрснаа низ светот – дел завршија и кај посредници поврзани со Вагнер
Според украинското Министерство за одбрана, досега биле платени околу 770 милиони долари однапред за оружје што никогаш не било испорачано. Истрагите откриваат дека Украина, во обид да најде оружје, дури се свртела и кон сомнителни извори – вклучително и преку Судан, каде дел од муницијата на крај се покажало дека потекнува од мрежи поврзани со руската платеничка група Вагнер.
Чистка во системот
Како резултат на овие скандали, голем број украински службеници биле отпуштени или обвинети, а договорите подлежат на ревизија. Истовремено, Украина води постапки за враќање на авансите, но шансите за наплата во некои случаи се мали.