Русија повеќе не сака Украина да биде „денацифицирана“ и е подготвена да му дозволи на Киев да се приклучи на Европската унија доколку остане воено неутрален како дел од тековните преговори за прекин на огнот, покажуваат информациите кои за „Фајненшл тајмс“ ги кажале извори блиски до преговарачите.
Според тоа, договорот за прекин на огнот за кој моментално се преговара меѓу Русија и Украина треба да го вклучи и повлекувањето на Украина од членството во НАТО во замена за безбедносни гаранции и изгледите за пристапување во Европската унија. Но, изворите ја откриле оваа информација под услов да останат анонимни бидејќи прашањето сè уште не е конечно договорено.
„Нацрт-документот за прекин на огнот не содржи никаква дискусија за трите клучни барања на Русија – „денацификација“, „демилитаризација“ и правна заштита на рускиот јазик во Украина“, изјавил неименуван извор, пренесува „Гардијан“.
Претставниците од двете страни ќе се состанат во вторник во Истанбул како дел од четвртата рунда мировни разговори чија цел е да се стави крај на руската инвазија.