ФЕИТ организираше прв час за 60-тата генерација бруцоши

од desk2
76 прегледи

Нови 285 бруцоши, денеска, го почнаа првиот студентски час на Факултетот за електротехника и информациски технологии, како 60-та генерација студенти на овој престижен факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски, во своето свечено обраќање, потенцираше дека ова е значаен ден за студентите, кои почнуваат ново поглавје во животот кое се вика студирање и за Факултетот, бидејќи ја прима 60-тата генерација студенти, која преку 4-годишно студирање ќе стекне знаења и вештини за квалитетен живот.

“Колку побрзо разберете дека на ФЕИТ не се учат задачи кои паѓаат на испит, туку се учат концепти, се учи да се размислува инженерски, толку ќе Ви биде полесно. Некогаш може да се случи да положите само со научени задачи, но ќе Ви остане празнина која понатаму ќе треба да ја надополните. Инаку, ќе имате потешкотии со следните предмети или во кариерата”, порача професор Ташковски.

Затоа, во обраќањето кон новите студенти, додаде “расчистувајте ги работите навреме. Одете не консултации, не плашете се, професорите и асистентите секогаш сакаат да помогнат кога гледаат дека учите и се трудите”.

За м-р Ева Шуклева, претседател на Генерален директор на АД МЕПСО, “нема добри и лоши инженери. Од овие клупи излегуваат НАЈДОБРИТЕ инженери. Се занимавате со егзактни науки чија уметност е креативноста и математичката прецизност.Така е во клупите, така ќе биде и утре во работата. И тоа е вашиот повик.Но теоретското знаење што ќе го стекнете тука , ќе остане вакумирано и неискористено, доколку не се поткрепи со практична примена и искуство. Според трендовите во земјава и во странство во овој момент, информатичарите побрзо добиваат добро платена работа. По моја проценка, од потребите на инжињери од енрегетските насоки, компаниите како МЕПСО, ЕСМ, ЕВН, како и проектантските и изведувачки компании, вие имате добра иднина, сите ќе најдете работа”, порача Шуклева.

Слични содржини