Премиерот на Словачка Роберт Фицо изјави дека ќе ја посети Москва по повод парадата на 9 мај, а посебно се осврна на критиките на бриселските власти поради неговиот потег.
Фицо одговори на коментарот на високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, која изјави дека блокот на ЕУ нема да учествува на одбележувањето на парадата во Москва и дека ничие учество нема да биде сфатено лесно од европска страна.
Таа нагласи дека Брисел не сака ниту една земја која е кандидат за членство да учествува на тој настан.
После тоа Фицо истакна дека на 9 мај патува за Москва.
„Дали г-ѓа Калас испрати уцена, предупредување или соопштение дека ќе бидам казнет по враќањето од Москва? Не знам, но знам дека е 2025 година, а не 1939 година“, објави Фицо на социјалните мрежи.
Фицо потсети дека тој е легитимен премиер на Словачка, која е суверена земја.
„Никој не може да ми каже каде треба или не треба да патувам. Ќе одам во Москва да им оддадам почит на илјадниците војници на Црвената армија кои загинаа во ослободувањето на Словачка“, рече Фицо.
Освен Фицо, доаѓањето во Москва досега го потврдија и српскиот претседател Александар Вучиќ и претседателот на РС Милорад Додик.