Словачкиот премиер Роберт Фицо ја осуди денеска изјавата на германскиот канцелар Фридрих Мерц дека Германија ќе го разгледа предлогот во Брисел за намалување на средствата на ЕУ за Словачка доколку продолжи да отстапува од заедничкиот правец на Унијата.
– Ако некој сака да промовира политика на едно обврзувачко мислење, тоа значи крај на демократијата во Европа. Никој овде не може да ни се заканува со тоа што ако не слушаме, ќе не доведе во ред“, рече Фицо за време на посетата на Ерменија.
Според него, позициите на Словачка не се засноваат на „суета“ или „тесноградост“, туку на фактот дека земјата има свои национални интереси, пренесува ТАСР.
Фицо изјави дека не гледа ништо во практичната политика на Словачка што некој би можел да го нарече кршење на владеењето на правото и ги повтори критиките за прекинот на транзитот на гас преку Украина, велејќи дека би било грешка да се запре увозот на нуклеарно гориво од Русија.
Мерц рече дека доколку сегашните позиции на земјите не се променат, ЕУ нема да избегне конфликт со Унгарија и Словачка.
– Не можеме да дозволиме одлучувањето за целата ЕУ да зависи од малцинство. И тука, секако може да има појасни зборови, а можеби и поостри конфликти“, вели Мерц.
Тој посочи дека двете земји имаат право на вето, што им овозможува да ги блокираат или барем да ги ослабат планираните санкции на Унијата против Русија.