Словачка ќе испрати дополнителни сили на границата со Унгарија со цел да се спроведе акција за сузбивање на илегалната миграција, изјави денеска словачкиот премиер Роберт Фицо.
-Го поздравив изборот на Министерството за внатрешни работи еден од неговите приоритети да биде создавањето бариери за илегалната миграција. Затоа ја поддржав веста дека вечерва ќе може да се види мобилизацијата и на полициски и на воен персонал за акција. Ова не е обука, не е вежба, изјави Фицо.
Словачкиот премиер посочи дека додека илегалната миграција не биде ставена под контрола, ќе постои ризик луѓето поврзани со терористички структури да влегуваат во неговата земја.
Словачка на почетокот на септември одлучи да распореди околу 500 војници како помош на полицијата во борбата против илегалните мигранти на границата со Унгарија, а подоцна беа воведени гранични контроли на словачко-унгарската граница.
Во неколку градови во Словачка е прогласена вонредна состојба поради зголемениот број илегални имигранти.
Полска, Чешка и Австрија претходно привремено ги обновија граничните контроли на границите со Словачка поради наглото зголемување на бројот на илегални мигранти на таканаречената „балканска рута“ што преку балканските држави води кон западноевропските земји.