Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп „кога ќе биде вистинското време“ и најави дека во наредните недели ќе го свика првиот Колеџ за безбедност, кој ќе го сочинуваат сите членови на Европската комисија, со цел редовно да добиваат информации за безбедносните случувања.
На прес-конференција во Брисел, пред 100-те дена од нејзиниот втор мандат како шеф на Комисијата, фон дер Лајен најави презентација на омнибус пакет за поедноставување на правилата и намалување на бирократијата, вклучително и во одбранбениот сектор, како и усвојување на законски предлог за враќање на мигрантите.
-Во следните недели ќе го свикам првиот Колеџ за безбедност. Ова ќе обезбеди членовите на Колеџот да добиваат редовни информации за безбедносните случувања, без разлика дали се работи за внатрешна безбедност или надворешна безбедност, но исто така и за енергијата, одбраната, истражувањето. Размислете за сајбер (закани), трговија, надворешно мешање, рече Фон дер Лејен, додавајќи дека е можно да се придонесе за колективната безбедност само ако има „јасна и длабока закана“.
Таа најави и дека Комисијата во вторник ќе усвои „амбициозен законски предлог“ за враќање на мигрантите, што е клучен елемент на Пактот за миграција и азил.
Кога станува збор за односите ЕУ-САД, Фон дер Лајен, на прашањето дали мисли дека за време на нејзиниот мандат ќе мора да работи на деескалација на односите со САД, како што направи со Кина, одговори дека „очигледно не“.
-Тоа е сосема поинаков однос со САД од оној што го имаме со Кина – истакна претседателот на ЕК.
На прашањето дали работи на средба со Трамп и на изјавата дека се чини дека САД не брзаат да се сретнат со некој од претставниците на ЕУ, Фон дер Лајен потсети дека првпат се сретнала со Трамп кога тој бил во последната година од неговиот прв мандат, а таа била во првата година од нејзиниот прв мандат.
-Има контакти, но мислам дека ќе имаме лична средба кога ќе биде вистинскиот момент, рече Фон дер Лајен.
Одговарајќи на прашањето дали САД се уште се сојузници на ЕУ по одлуката за прекин на воената помош за Украина и споделувањето разузнавачки информации со таа земја, таа посочи дека САД се сојузник во трансатлантскиот сојуз.
-Од гледна точка на ЕУ, мислам дека тоа е многу силен повик за будење и момент за Европа да ја зајакне својата одбрана сега и да си ја даде позицијата што ни треба- рече Фон дер Лајен.
Таа зборуваше и за тоа како „светот околу нас се менува со молскавична брзина“ и како „геополитичките промени ги тресат сојузите“.
-Децениската безбедност пропаѓа. А ние сè уште имаме брутална војна што беснее на нашите граници, рече Фон дер Лајен и во овој контекст нагласи дека Европската комисија секогаш одела по патека заснована на три столба: просперитет, безбедност и демократија.
Истовремено, таа оцени дека она што се променило во првите 100 дена од нејзиниот втор мандат е „чувство на итност“ бидејќи имало суштински промени.
-Нашите европски вредности, демократијата, слободата, владеењето на правото се загрозени. Гледаме дека суверенитетот, но и железните обврски се доведени во прашање. Темпото на промени се забрзува, а активностите што се потребни мора да бидат храбри и решителни – рече Фон дер Лајен.