Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес изјави дека ЕУ дава целосна поддршка во следењето и обновувањето на електроенергетскиот систем на Пиринејскиот Полуостров, по масовниот прекин на електричната енергија што го погоди регионот.
Фон дер Лајен на IX изјави дека разговарала со шпанскиот и португалскиот премиер Педро Санчез и Луис Монтенегро и дека го потврдила ангажманот на ЕУ во координација со националните и европските власти, како и во соработка со Групата за координација на електроенергетските системи.
„Се согласивме да ги координираме напорите и да разменуваме информации за да помогнеме во обновувањето на електроенергетскиот систем. Ќе останеме во постојан контакт за да се осигураме дека ситуацијата ќе се реши што е можно поскоро“, нагласи фон дер Лајен.
Таа нагласи дека безбедноста на снабдувањето со енергија е од клучно значење за ЕУ.
Според неа, ЕУ ќе направи сè за да им помогне на граѓаните и да го врати нормалното работење на електричната енергија.
Првичната проценка на шпанскиот оператор за електрична енергија „Ред Електрик“ ја исклучува можноста за кибернапад како причина за вчерашниот прекин на електричната енергија на Пиринејскиот Полуостров, се вели во официјално соопштение.
Шефот на операциите на системот „REE“, Едуардо Прието, на брифинг за медиумите изјави дека електроенергетскиот систем сега е стабилен и работи нормално, објави „Ројтерс“.
Прекинот на електричната енергија вчера предизвика огромни проблеми – сообраќајот беше во хаос бидејќи семафорите не работеа, железничкиот сообраќај беше прекинат, воздушниот сообраќај беше отежнат, додека болниците работеа со помош на генератори.
Плаќањата со картички беа оневозможени, а продавниците, аптеките и рестораните беа затворени, објави шпанскиот весник „Ла Паис“ претходно денес.
Точната причина за прекинот на електричната енергија сè уште не е позната, но претставници на Европската Унија ја исклучија секоја можност за сајбер напад.