Европската унија е решена да го спроведе својот целосен дигитален правилник без оглед на тоа кој е сопственик на компаниите како Икс, Мета, Епл (Аппле) и Тикток или во која земја се наоѓаат, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
„Правилата изгласани од нашите законодавци мора да се применат. Затоа отворивме случаи против Икс, Мета, Епл (Аппле) и Тикток. Правилата ги применуваме праведно, пропорционално и без пристрасност“, рече фон дер Лајен во писмената изјава за „Политико“.
Таа рече дека однесувањето на ЕУ нема да зависи од тоа кој е сопственик на компанијата или каде е нејзиното седиште.
„Не ни е грижа од каде е компанијата или кој ја води. Се грижиме за заштита на луѓето“, додаде таа. Законот за дигитални пазари на ЕУ, кој е список на тоа што треба и што не треба да прават големите технолошки компании за да обезбедат рамноправни услови за игра и да им дадат поголем избор на потрошувачите, беше остро критикуван од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп во февруари потпиша меморандум со предупредување дека неговата администрација внимателно ќе ги испита Законот за дигитални пазари и Законот за дигитални услуги на ЕУ „кои диктираат како американските компании ќе комуницираат со потрошувачите во Европската унија“, пренесува „Танјуг“.