ЕУ соработува со САД во изготвување на опции кои се надвор од постоечките санкции против Русија, изјави претседателот на ЕК.
Европската унија е подготвена да ги засили санкциите и да преземе „мерки без преседан“ против Русија доколку таа покаже дополнителна агресија кон Украина, изјави во средата претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Во своето обраќање пред Европскиот парламент, Фон дер Лајен рече дека ЕУ многу тесно соработува со Соединетите Држави на опции надвор од постоечките санкции против рускиот финансиски и енергетски сектор, употребата на стоки што може да се користат за опасни цели и воениот сектор.
„Нашиот одговор на каква било дополнителна агресија може да биде во форма на силно зајакнување и проширување на постојните санкции“, рече таа пред европските пратеници, пренесе „Фена“, цитирајќи ја „Ројтерс“.
„Сериозни последици за Русија“
„Ние, се разбира, сме подготвени да преземеме дополнителни мерки кои би имале сериозни последици за Русија“, заклучи шефот на Европската комисија.
Фон дел Лејен, исто така, го критикуваше намалувањето на руските испораки на гас за Молдавија, што таа го опиша како „несомнен обид на Москва“ да ја заплаши реформската влада на Молдавија.
Фон дер Лајен рече дека Европската унија сака добри односи со Русија, но дека тоа пред се зависи од однесувањето на Русија, алудирајќи на зголемување на нејзините воени сили на украинската граница.
Таа додаде дека ЕУ мора „да ги заштити нашите општества и демократии од овој вид цинична геополитичка игра на моќ“.