Фон дер Лајен го објави составот на новата ЕК: Словенката Марта Кос нова еврокомесaрка за проширување

од Milan1
75 прегледи

Просперитетот, безбедноста и демократијата, заедно со конкурентноста и дигиталната и енергетската транзиција, ќе бидат основни приоритети на новата Европска комисија, изјави денеска претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен на прес-конференција во Стразбур на која официјално ги претстави новите еврокомесари и ресорите со кои ќе раководат.

Според неа, целиот Колеџ на комесари ќе биде посветен на конкурентноста и зајакнување на технолошкиот суверенитет, безбедност и демократија и градење конкурентна, декарбонизирана и циркуларна економија со фер транзиција за сите, како и дизајнирање храбра индустриска стратегија со иновации и инвестиции, зајакнување на европската кохезија и региони и поддршка на луѓето, вештините и нашиот социјален модел.

Таа потенцира дека при составот на ЕК и распределбата на ресорите водела сметка за постигнување баланс и во однос на половата и географската застапеност, па така во Комисијата ќе има 11 жени, што е околу 40 отсто.

Новата Европска комисија ќе има шест извршни потпретседатели од кои четири жени и двајца мажи. Шпанката Тереза Рибера ќе биде извршна потпретседателка на чиста, праведна и конкурентна транзиција и еврокомесарка за политиката на конкурентност, Финката Хена Виркунен извршна потпретседателка за технологија, суверенитет, безбедност и демократија и еврокомесарка за дигитални технологии, а Французинот Стефан Сежурне ќе биде извршен потпретседател за просперитет и индустриска стратегија и еврокомесар за индустријата, мали и средни претпријатија и единствениот пазар.

Останатите тројца извршен потпретседатели ќе бидат Романката Роксана Манзату, задолжена за вештини и стручно оспособување на луѓето, која воедно ќе биде и еврокомесарка за вештини, образование, култура, квалитетни работни места и социјални права, Италијанецот Рафаеле Фито, кој ќе биде одговорен за кохезија и реформи и еврокомесар кохезивна политика, регионален развој и градовите и Естонката Каја Калас, како висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Словакот Марош Шефчович ќе биде еврокомесар за трговија, економска безбедност, меѓуинституционални односи и транспарентност, Летонецот Валдис Домбровскис за економија, продуктивност, имплементација и поедноставување, Хрватката Дубравка Шуица е предложена за еврокомесарка за Медитеранот, а Унгарецот Оливер Вархеји за здравје и благосостојба на животните.

Еврокомесар за клима, нето нула емисии и чист раст ќе биде Холанѓанецот Вопке Хукстра, за одбрана и Вселената Литванецот Андриус Кубилиус, за проширување Словенката Марта Кос, а за меѓународни партнерства Чехот Јозеф Сикела.

Кипранецот Костас Кадис ќе раководи со ресорот рибарство и океани, Португалката Марија Луис Албакерки со финансиските услуги, штедењето и инвестициите, Белгијката Хаџа Лабиб со подготвеноста и менаџирањето на кризи, а Австриецот Магнус Брунер со внатрешните работи и миграцијата.

Јесика Розвол од Шведска ќе биде еврокомесарка за животна средина, отпорност на водите и конкурентна циркуларна економија, Пјотр Серафин од Полска за буџет, борба против измамите и јавна администрација, Ден Јоргенсен од Шведска за енергија и домување, а Бугарката Екатерина Захариева за истражување и иновации.

Ирецот Мајкл Мекграт ќе биде комесар за демократија, правда и владеење на правото, Гркот Апостолос Цицикостас за одржлив транспорт и туризам, Луксембуржанецот Кристоф Хансен за земјоделство и храна, а Малтежанецот Глен Микалеф за меѓугенерациска правичност, култура, млади и спорт.

Според Фон дер Лајен, клучна порака што доаѓа од ваквиот состав на ЕК е дека без разлика од каде доаѓаат и без оглед на нивната позиција, сите членови на Колеџот на комесари мора да работат заедно.

Слични содржини