Францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурне ја повика Кина да испрати „многу јасна порака до Русија“ за војната во Украина и нагласи дека Париз треба да одржува силни економски односи со Пекинг.
„Очекуваме Кина да испрати многу јасни пораки до Русија. Очигледно е дека Кина игра клучна улога во независноста, почитувањето на меѓународното право, вклучувајќи го и суверенитетот на Украина“, рече Сежурне во Пекинг на заедничката прес-конференција со неговиот кинески колега Ванг Ји.
Кина, која се претставува како неутрална страна, но чии односи со Русија се продлабочија од почетокот на конфликтот, се залага за политичко решение за ставање крај на конфликтот во Украина.
Сежурне рече дека оваа војна ја засега целата меѓународна заедница.
„Убедени сме дека нема да има траен мир доколку за тоа не се преговара со Украинците. Нема да има безбедност за Европејците ако нема мир во согласност со меѓународното право. За нас тоа е суштинско прашање, поради што Франција е решена да одржи близок дијалог со Кина“, рече Сежурн.
За време на посетата на Кина, францускиот министер ќе учествува на отворањето на изложбата „Версај и забранетиот град“, во Забранетиот град во Пекинг, каде ќе бидат изложени околу 60 уметнички дела и скапоцени предмети од Версајската палата.