Франција вложува милијарди во оружје: Драматично зголемување на залихите од проектили и беспилотни летала

Франција планира да ги зголеми залихите од проектили и беспилотни летала до 400 проценти до 2030 година, според нацрт-законот за воено планирање, кој го имаше на увид Политико

од Кристијан Димков
14 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/The Military Show

Војните во Украина и на Блискиот Исток покажаа колку брзо се трошат муницијата во судири со висок интензитет. Париз затоа планира да издвои милијарди евра за зголемување на постоечките залихи и за надомест на проектили за противвоздушна одбрана кои авијацијата ги користела во Персискиот Залив за одбрана од ирански напади со беспилотни летала.

„Итната потреба, секако, се однесува на муниција“, изјави неодамна францускиот министер за одбрана Себастиен Лекорну пред пратениците, во контекст на пошироката загриженост во Европа поради можен конфликт со Русија до крајот на деценијата.

Француската влада на 8 април ќе го претстави ажурираниот закон за воено планирање, со кој се предвидуваат 8,5 милијарди евра за беспилотни летала и проектили до 2030 година. Станува збор за повеќегодишна финансиска рамка која ги утврдува целите за набавка и развој на вооружување. „Инвестициите се одразуваат преку зголемување на нарачките и испораките, како и прилагодување на индустриската инфраструктура преку кофинансирање на приоритетните производни капацитети“, се наведува во нацрт-законот. Се додава дека мерките се спроведуваат со цел подготовка за „воена економија“, објави Политико.

Од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година, повеќето европски држави забрзано ги зајакнуваат одбранбените капацитети и ги зголемуваат издвојувањата за вооружување. Овој тренд дополнително се забрза по повторното избирање на Доналд Трамп за претседател на САД, поради стравот дека Вашингтон би можел да ги намали безбедносните гаранции за Европа или да се повлече од НАТО.

Според планот, францускиот одбранбен буџет би требало да изнесува 63,3 милијарди евра во 2027, 68,3 милијарди во 2028, 72,8 милијарди во 2029 и 76,3 милијарди евра во 2030 година. По усвојувањето на законот во парламентот, овие средства секоја година ќе мора да бидат потврдени преку конкретни буџети.

Целите за беспилотни летала и проектили се особено амбициозни. Франција планира да ги зголеми залихите од таканаречените „лутачки“ проектили, односно камиказа-беспилотни летала, за 400 проценти, управувани бомби „AASM Hammer“ за 240 проценти, како и проектили „Aster“ и „Mica“ за 30 проценти. Нацрт-законот доаѓа во време кога постои несогласување помеѓу државата и одбранбената индустрија за нивото на производство. Производителите на оружје тврдат дека државата не нарачува доволно, додека властите очекуваат индустријата однапред да ги зголеми производните капацитети.

Извршниот директор на компанијата „MBDA“, Ерик Беранже, најави дека производството на проектили годинава ќе се зголеми за 40 проценти, вклучувајќи двојно зголемување на производството на проектили Aster.

Планот не предвидува зголемување на бројот на припадници на вооружените сили ниту дополнителна набавка на борбени авиони „Rafale“ или воени бродови, и покрај претходните најави на претседателот Емануел Макрон.

Сепак, се разгледува развој на нов тенк кој би го заменил „Leclerc“ во иднина, со оглед на можното одложување на заедничкиот француско-германски проект.

Франција, според нацрт-законот, не планира дополнително финансирање на програмот „Eurodrone“, заеднички проект со Германија, Италија и Шпанија, кој заостанува со реализацијата.

Иако планот важи до 2030 година, се очекува по претседателските избори во 2027 да се изработи нов. Во Франција постои широк политички консензус за потребата од зголемување на одбранбените издвојувања. Лидерот на крајната десница, Џордан Бардела, неодамна изјави дека воените расходи треба да достигнат 3,5 проценти од БДП, во согласност со целите на НАТО.