Францускиот премиер Франсоа Бајру изјави денеска дека однесувањето на американскиот претседател Доналд Трамп кон украинскиот претседател Володимир Зеленски во петокот е „покажување на бруталност“ кое има за цел да го понижи, пренесува Бета-АП.
Бајру на тој начин отстапи од поумерениот француски претседател Емануел Макрон, кој исто така претходно зборуваше за ова.
Макрон во саботата рече дека „по иритацијата (на средбата Трамп-Зеленски), сите треба да се вратат на смиреност, почит и прифаќање, за да можеме да постигнеме конкретен напредок.
„Во петокот навечер, во Овалната соба на Белата куќа, пред камерите на целиот свет се разви неверојатна сцена. Обележана со бруталност, желба за понижување, со цел да се натера украинскиот претседател Володимир Зеленски да се поклони пред заканите“, рече Бајру.
„Претседателот Зеленски не се откажа и мислам дека можеме да му покажеме дека го цениме тоа“, додаде тој.
Бајру оваа изјава ја даде во Собранието, каде пратениците му аплаудираа.