Француското МНР: Не може да се потврди дека Русија лансирала интерконтинентална балистичка ракета

од Milan1
50 прегледи

Портпаролот на француското Министерство за надворешни работи Кристоф Лемоан денеска изјави дека не може да се потврди оти Русија лансирала интерконтинентална балистичка ракета во нападот на Украина, но дека таквиот потег, доколку се точни информациите за тоа, би бил сериозна ескалација на конфликтот.

Доколку се потврди, ќе реагираме соодветно“, рече Лемоан на прес-конференција, пренесе Ројтерс.

Воздухопловните сили на Киев претходно соопштија дека Русија истрелала една интерконтинентална балистичка ракета за време на нападот врз украинскиот град Днипро, што би било, доколку се потврди, прва употреба во војна на оружје дизајнирано да изведува нуклеарни напади со долг дострел.

Неименуван западен функционер претходно денеска изјави за Еј-би-си Њуз дека ракетата, која Русија ја лансираше кон Украина, веројатно не е интерконтинентална балистичка ракета ИЦБМ, туку ИЦБМ со помал дострел, насочена кон украинскиот град Днипро.

Во исто време, украински функционер, кој исто така сакаше да остане анонимен, изјави за медиумот дека украинската војска е „95 отсто сигурна“ дека станува збор за ИЦБМ, додавајќи дека делови од проектилите сè уште се испитуваат.

Слични содржини