Откако Американците ја обвинија Кина за создавање бионички војници, Франција тргна да создаде свои.
Бионичките војници досега беа термин што го поврзуваме со филмови и книги и тие наскоро би можеле да се појават на бојното поле покрај вас. Поточно, војниците кои имаат напредна технологија која не чувствува болка, натчовечки способности и микрочипови во нив, наскоро би можеле да станат дел од редовните француски воени сили. Имено, Францускиот етички комитет на Министерството за одбрана даде зелено светло за развој на овие технолошки и биотехнолошки можности.
Францускиот комитет ги прогласи за „клучни во борбата“, а при разјаснувањето на одлуката, тие исто така наведоа дека инсталирањето микрочипови кај војниците, со што постепено ќе се ослободуваат седативи, ќе ги направи војниците отпорни на болка, стрес и замор.
Микрочиповите би можеле да одат чекор подалеку и да им овозможат на војниците „да се поврзат“ со системите за оружје, навигацијата и можеби системите за комуникација. Француската војска дури размислува да создаде и протетски додатоци кои ќе им овозможат на војниците напредни физички, когнитивни и психолошки способности.
Сепак, тоа не значи дека француските војници ќе станат нечувствителни роботи и воени машини. Според планот на одборот, војниците треба да ги почитуваат воените и хуманитарните правила, и покрај сите подобрувања.
Француската министерка за одбрана Флоренс Парли истакна дека не очекува бионичките војници да станат француска реалност во блиска иднина, но додаде дека е потребно да се создадат предуслови за употреба на таквата технологија и биотехнологија во француската армија.