Франција дава до 4.000 евра за замена на автомобил со електричен велосипед

од Vladimir Zorba
197 прегледи

Веќе неколку години Франција, како и Литванија и Финска, на пример, финансиски го поттикнуваат купувањето на електрични велосипеди, но само доколку жителите решат да се откажат од своите не толку еколошки автомобили. Минатата година во Франција беше предложено за одведување стари автомобили во отпад да се даде стимул од 2.500 евра за купување нов електричен велосипед, но сега таа сума ќе се зголеми.

Французите со ниски приходи кои живеат во урбаните средини можат да добијат до 4.000 евра за враќање на својот стар автомобил, кои потоа можат да ги користат за да купат е-велосипед. Има повеќе нивоа на стимулации, во зависност од проверката на средствата и местото на живеење, но најмал стимул, во износ од 300 евра, можат да добијат сите заинтересирани граѓани – без разлика дали се откажале од возење автомобил или не.

Зголемувањето на износот на стимулации треба да донесе побрза транзиција на населението кон поздрави и „позелени“ форми на транспорт, особено во градовите. Француските власти во овој поглед гледаат на Холандија, Данска и Германија како модели, а нивната цел е до 2024 година 9% од населението активно да вози велосипед. Претходната цел беше 3%, додека во Холандија, за споредба, веќе е 27%.

Во некои француски градови, како Париз, можно е да се добијат дополнителни градски субвенции за набавка на еколошки превозни средства, а се работи и на подобрување на велосипедската инфраструктура.

Владата најави дека ќе инвестира 250 милиони евра за да го направи Париз целосно погоден за велосипеди, додека актуелниот градоначалник вети дека ќе изгради 130 километри нови велосипедски патеки во следните пет години.

Слични содржини