284
Француската полиција утрово уби едно лице кое со нож нападна полицајци на железничката станица во Париз Гар ду Норд, изјави францускиот министер за транспорт Жан Батист Џебари.
„Лицето кое ги нападна починало на лице место“, рекол Џебари, додавајќи дека двајца полицајци се здобиле со полесни повреди.
Тој смета дека овој инцидент нема никаква врска со тероризам и додава дека лицето и е познато на полицијата од поодамна.
Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен на Твитер напиша дека инцидентот се случил утрово околу 7 часот, додавајќи дека никој од граѓаните не е повреден.
Гар ду Норд е една од најголемите железнички станици во Европа и дом на меѓународните железнички услуги што ја поврзуваат Франција со Британија и Белгија.