Бил Гејтс, ко-основачот на Мајкрософт, не е сигурен дека би станал милијардер доколку растел денес, справувајќи се со дистракциите што ги носат паметните телефони и социјалните мрежи.
Со Мајкрософт, Гејтс придонесе компјутерите и Интернетот да бидат сеприсутни. Сепак, како што напиша завчера на својот блог, под знак прашалник е дали би го создал технолошкиот гигант од 3,26 трилиони долари, доколку не поминувал часови со пријателите, истражувајќи го светот, читајќи и длабоко размислувајќи во својата соба.
„Кога ќе се чувствував немирно или досадно или ќе бев во неволја поради лошото однесување, одев во мојата соба и се губев во книги или идеи, често со часови. Оваа способност да ја претворам празнината во длабоко размислување и учење стана основен дел од тоа што бев, и беше клучна за мојот успех подоцна“, рече Гејтс.
Тој ја препорача книгата „The Anxious Generation“ од Џонатан Хејт, социјален психолог од Универзитетот во Њујорк. Станува збор за книга во која се објаснува како паметните телефони и социјалните мрежи го промениле мозокот на децата.
Дополнително, во книгата се тврди дека споменатите технологии придонеле за ментална здравствена криза кај младите, која се манифестира и во растечката осаменост и депресија кај луѓето од генерацијата Z (луѓе родени од 1997 до 2012 година).
Истражувањата покажаа дека постојаната употреба на паметни телефони и социјалните мрежи може негативно да влијае на меморијата, способноста за концентрација и вниманието на младите луѓе.
Од друга страна, Бил Гејтс нагласи дека неговото детство се засновало на игра која поттикнува креативно размислување, што е многу различно од „детството базирано на мобилни телефони“ – според книгата на Хејт.