Генерал-потполковник Ѓурчиновски во официјална посета на вооружените сили на Босна и Херцеговина

од Radmila Tasevska
213 прегледи

Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој се наоѓа во официјална посета на Босна и Херцеговина, денеска во Сараево се сретна со неговиот домаќин, началникот на Здружениот штаб на вооружените сили на Босна и Херцеговина, генерал-полковник Сенад Машовиќ.

За време на средбата генералите Ѓурчиновски и Машовиќ разговарале за можностите за збогатување на билатералната одбранбена соработка, како и соработката во военото образование која се одвива во центрите за обука во операции за поддршка на мирот во Сараево и во Регионалниот центар за односи со јавност во Скопје.

Како што информираат од Министерството за одбрана, генералот Машовиќ изразил благодарност за поддршката и школувањето на кадетите од БиХ на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје. За време на средбите е истакната традиционално добрата соработка во одбраната со очекувања за понатамошна поддршка и споделување на меѓусебните искуства помеѓу двете армии.

Билатералната соработка на полето на одбраната со Вооружените Сили на Босна и Херцеговина се одвива во полето на воената едукација, учество во заеднички меѓународни вежбовни активности, курсеви во Регионалниот центар за односи со јавност, учество во Балканските медицински наменски сили и заедничко учество во регионалните безбедносни иницијативи А-5 и Б-9.

Во текот на утрешниот ден, делегацијата од Армијата предводена од генералот Ѓурчиновски ќе ја посети и командата на мисијата на Европската Унија-АЛТЕА каде ќе оствари состанок со командантот на мисијата и ќе го обиколки македонскиот контингент.

Слични содржини