Откако израелската армија нападна ирански цели, рускиот генерал Апти Алаудинов изјави дека Третата светска војна е веќе во тек и повика на масовна мобилизација во Русија, објавува Дејли експрес.
Генерал-мајор Алаудинов (51), заменик-началник на главната воено-политичка администрација на руските вооружени сили и командант на чеченските специјални сили Ахмат, објави порака на Телеграм во која тврди дека војната веќе започнала.
„Мора да прогласиме мобилизација“, напиша Алаудинов. „Мора однапред да подготвиме најмалку половина милион луѓе. Но, реално, милион луѓе. Мора да ги повикаме и да почнеме да ги подготвуваме за фактот дека војната веќе започна, а знаеме дека веќе се случува, Третата светска војна. Таа токму сега влезе во нова фаза и доби нов моментум“, рече тој.
Тензиите дополнително ескалираа откако Израел ги таргетираше иранските воени објекти поврзани со неговата нуклеарна програма. „За да не се осмели никој да си игра со нас како што си играше со сите други земји, а сега и со Иран. Верувајте ми, сите мора да се обединиме, обединиме, обединиме, на сите нивоа“, рече Алаудинов.
Алаудинов е активен во руските напори за повторно освојување на територијата во Курската област, која делумно беше заземена од украинските сили во офанзива во август минатата година. Тој се смета и за веројатен наследник на прорускиот чеченски лидер Рамзан Кадиров.